НЕКОИ СТУДЕНТИ НЕ СЕ СТУДЕНТИ – СДСМ ГИ „НАДГРАДУВА“ ДИСКРИМИНАТОРСКИТЕ ПОЛИТИКИ НА ВМРО-ДПМНЕ…

На парламентарните избори 2020 излезете масовно да кажете „не“ на згазеното достоинство и сиромаштијата. Верувајте силно во големите промени кои ќе ги правиме заедно! Нашата мисија Да ја вратиме СИЛАТА КАЈ НАРОДОТ!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Деновиве се актуелни платежните картички, со кои Владата ќе ги реализира мерките за поттикнување на домашната економија. Скоро сите медиуми пренесоа дека „сите ученици и студенти“ (евентуално дополнето со „на возраст од 16 до 29 години“) ќе добијат по 3.000 денари за купување домашни производи. Нормално, никој нема да ја цитира целосната формулација од „Службен весник“ за значењето на изразот „млади лица-корисници на финансиска поддршка“*. Каде е тогаш проблемот?

Мерката на Владата е дискриминаторска од самата определба учениците и студентите да се делат според видот на установата на која се образуваат. Платежна картичка ќе добијат само младите од државните, но не и од приватните образовни институции. Ќе образложам, во обид да разбијам и едно погрешно, пошироко вкоренето мислење меѓу мнозинството, дека „тие што се образуваат приватно имаат многу пари“.

Порано работев како професор на државен, а последните години, на приватен универзитет (во меѓувреме, во одредени периоди и како визитинг-професор и на едни и на други). Добро ги познавам приликите во високото образование и структурата на студентите. Воопшто не е точно дека на приватните универзитети учат само „богаташки деца“. Прво, најголемиот број приватни средни училишта и универзитети, со цел квалитативно да ја подобрат структурата на своите ученици и студенти, доделуваат стипендии (ги ослободуваат од плаќање на школарината, делумно или целосно). Корисници на истите се одлични ученици, меѓу нив и многу кои потекнуваат од сиромашни семејства. Второ, таму доаѓаат и млади на кои државните институции не можат да одговорат на нивните специфични потреби (дислексија, физички хендикеп, флексибилност во времето на реализација на предавањата, засилен индивидуализиран пристап во наставата,…). На најважниот аспект на тезата, ќе одговорам со прашање: Зарем секој поединечен ученик/студент на приватна образовна институција е од побогато семејство во однос на секој ученик/студент на државна?

Не сакам да пресметувам што значи во бројки буџетскиот удел ако оваа мерка се примени и за учениците/студентите од приватните установи, бидејќи не располагам со прецизни податоци, но процентот на студентите на приватните универзитети е околу 10% во однос на севкупниот број, за средните училишта тој е многу помал.

Имајќи го предвид ова, бев страшно револтирана кога власта, тогаш предводена од Груевски, пред неколку години воведе бесплатни месечни билети само за студентите на државните универзитети. Сега, со платежните картички, се повторува истото. Каде е Комисијата за заштита од дискриминација да реагира? Каде се студентите од државните, да покажат солидарност кон своите колеги од приватните универзитети? И крајно, каде се медиумите да потрошат малку време и изворно (од целосниот текст на Уредбата) да пренесат прецизни информации, кога претставниците на власта намерно ги забошотуваат детаљите во своите изјави кога ги промовираат сопствените политики? Дополнително, од мерката се изземени и редовните студенти на постдипломски студии, вклучително и на државните универзитети. Зошто?

Не сакам ни да помислам дека критериумот по кој се водела власта не е само резултат на погрешни финансиски критериуми, туку е и континуитет на претходни политики за систематско уништување на приватното образование, што се препознава во неговата тивка сатанизација со промовирање на уште една теза која бргу ја „лапна“ дел од академската заедница на државните универзитети, но и луѓето надвор од неа, а тоа е: „приватните универзитети се единствените виновници за неквалитетот на високото образование“. Но ова е посебна тема, може да ја дебатираме во друга прилика.

*Уредба со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на пакедонски произвоиди и услуги за време на вонредна состојба (Службен весник, бр.137, 27.5.2020):

„Млади лица“ се државјани на Република Северна Македонија со наполнети 16 години и не постари од 29 години на 22.5.2020 година, кои се активни учесници во формалното средно образование (средни училишта основани од Република Северна Македонија, локалната самоуправа и градот Скопје) и високото додипломско образование на Република Северна Македонија (редовни студенти на универзитети основни од Република Северна Македонија), согласно со евиденцијата на Министерството за образование и наука (во натамошниот текст: „млади лица-корисници на финансиска поддршка“).

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *