Бомба во пекарата на Мисајловски, ВМРО-ДПМНЕ го обвинува СДСМ, оттаму бараат Чулев да го истражи случајот

Изутрината околу 3 часот во пекарата сопственост на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, која се наоѓа на главната улица во Ѓорче Петров била фрлена експлозивна направа. Мисајловски за случката информираше на неговата фејсбук страна каде објави и видео од продавницата.

„Во малата продавница на главната улица во Ѓорче Петров која што моето семејство ја работи со децении фрлена е експлозивна направа и причинета е материјана штета. Фала му на Бога нема човечки жртви ниту некој е повреден. Нема да навлегувам што и како, кој е и каква е нарачката. Пораката која ја праќаат до мене пред стартот на кампањата сама си се испишува.“, напиша Мисајловски.

Од МВР преку соопштение информираат дека настанот се случил во 3 часот и 40 минути кога било пријавено дека излегува чад од пекарата, а претходно се слушнала детонација.

„По пристигнувањето на полициските службеници на местото на настанот забележано е дека влезната врата е целосно извадена од лежиштето и причинета е материјална штета, па постои основано сомнение дека се работи за подметната експлозивна направа. Повредени нема. Се работи на расчистување на случајот.“, соопштија од МВР.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски алудираше дека сторители на ова дело се СДСМ, наведувајќи дека не станува збор за случаен настан, туку за јасна намера.

„Ја користам оваа прилика овде во Куманово да го осудам овој чин и да им порачам дека не се плашиме, напротив ако тоа им е целта на овие криминалци диригирани од еден центар на моќ и оркестрирани и инсценирани од страна на власта дека не им се плашиме, напротив, ова повеќе не мотивира.“, рече Мицкоски.

Од СДСМ го осудија настанот и го повикаа министерот за внатрешни работи Наќе Чулев да го расветли случајот и да го најдат сторителот, воедно ги отфрли директните обвинувања од Мицкоски.

„Станува збор за пракса на ВМРО-ДПМНЕ од претседателот на партијата кој што сериозно го обвинува СДСМ дека стои зад еден таков настан. Уште еднаш ќе кажам дека станува збор за лажни вести и го повикувам Мицкоски да каже секако од каде му е таквата информација.“, рече портпаролот Костадин Костадинов.

Владо Мисајловски е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и е носител на кандидатската листа во втората изборна единица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *