Претрес на магацинот со донации од семејството на лидерот на СДСМ

Полицијата забрани дистрибуција на хуманитарни пакети, донации од семејството Заеви на луѓето погодени од пандемиската криза. Синоќа интервентните полициски единици извршија претрес во просториите на некогашниот хотелски објект во Струмица, каде волонтерите од Здружението „Сите заедно можеме“, пакуваа пакети со храна што требало да се испраќаат до семејствата кои имаат потреба. Според нив, полицијата барала документи за пакетите. Шефот на здружението оцени дека акцијата има политичка позадина.

“Ова е сценарио на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицковски, реализирано од министерот Наке Чулев. Ни побараа документи за донациите што обично се кај донаторите. Ова е срамно и жално за тоа што се работи, затоа што станува збор за донации од семејството Заеви“, вели Александар Маркоски, директор на Здружението.

Но, од ВМРО ДПМНЕ соопштија дека луѓе блиски до лидерот на СДСМ, Зоран Заев, работеле до полноќ синоќа, подготвувајќи пакети брендирани од социјалдемократите, за кои велат дека ги дистрибуираат како помош за масовно подмитување на граѓаните.

Сѐ уште нема став од Министерството за внатрешни работи за акцијата во Струмица. Станува збор за неколку стотици пакети со храна, наменети за сиромашните граѓани во Дојран, Радовиш, Конче, Гевгелија, Прилеп, Кавадарци, Неготино и Демир Капија. Досега, Заев преку ова здружение донираше пакети во Струмица и Куманово за време на пандемиската криза на коронавирусот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *