Влезе ли Талат Џафери во вртлогот на дворските игри?

Од кабинетот на собранискиот спикер Талат Џафери и денеска нема одговор на иницијативата за свикување на итна седница, поднесена од СДСМ, а подржана и потпишана од коалициските партнери, но и од народни избраници на Алијансата, Беса, Алтернатива, ДПА.

Неофицијално, се шпекуклира дека претседателот на Собранието ќе тактизира цела оваа недела се со цел да види дали политичката ситуација ќе изроди нешто ново или пак евентуална лидерска средба кај шефот на дражавата, Стево Пендаровски. Нашите собраниски извори се сомневаат и во друга тактика на Џафери која му ја дозволува собранискиот Деловник и очекуваат тој со двете раце да ја зграпчи. Посочуваат дека во Деловникот нема рокови за одговор за вакви иницијативи и очекуваат Џафери да се повика на членот 67 став 2,  во кој стои само дека претседателот на парламентот „може“ да свика седница. Зборот „може“ најверојатно ќе ја одигра и клучната улога за несвикување на итна седница со две точки како што бара СДСМ. Првата, да бидат потврдени двете одлуки на претседателот на државата Стево Пендаровски за вонредна состојба од по 30 дена за да се спречи ширењето на коронавирусот во земјата, и втората, да се остави можност доколку има потреба пратениците повторно да можат да одлучуваат.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои не ја поддржаа иницијативата за итна собраниска седница, побараа лидерска средба кај шефот на државата. СДСМ ја одби ваквата можност со образложение дека веќе има договор за избори. Извори во владејачката партија за Слободен печат велат дека на мартовската лидерската средба во претседателката вила паднал договор за избори – изборните рокови да продолжат да течат оној момент кога ќе престане вонредната состојба воведена поради заразата од коронавирусот.

Од ДИК соопштија дека се подготвени за избори. Вториот рок за вонредната состојба поради Ковид 19 истекува некаде во средината на мај. Оттогаш почнуваат да течат и роковите за избори, за што се останати уште 24 дена. Изборниот датум го одредува претседателот на Собранието, во рамки на уствните рокови од денот кога е распуштен парламетот. Тој сега има распуштено Собрание, има рокови и по завршување на вонредната состојба тие почнуваат да течат, велат од собраниското мнозинство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *