МЗ го заврши тендерот за респиратори, за 31 респиратор вкупно ќе плати над 750.000 евра

Уште ги нема респираторите што на 14 април ги најави министерот за здравство Венко Филипче дека ќе стигнат до крајот на изминатата недела. Одговорајќи на новинарски прашања министерот истакна дека дел од нив ќе стигнат до крајот на оваа недела.

-Две компании ги исполнија условите за да донесат респиратори за максимум 30 дена. При што едната компанија за шест респиратори имаше дадено рок од една недела и тој рок треба да истече оваа недела.Дополнителни дваесет за 30 дена, и втората компанија пет респиратори – значи вкупно 31, рече денеска министерот.

Според податоците на веб страната на Министерството за здравство, фирмата ДТУ Соникс Анастастија ДООЕЛ е добитник на тендерот при што треба да изврши испорака на 6 респиратори во рок од 10 дена, додека останатите 20 во рок од 30 дена.

Цената која што ќе ја плати Министерството за здравство за еден респиратор е 1.527.600 денари без вклучен ДДВ а на фирмата за 26 респиратори произведени во Јапонија ќе и исплати околу 650.000 евра, додека на втората фирма која треба да испорача 5 респиратори произведени во Германија во рок од 30 дена ќе и исплати околу 125.000 евра.

Драмата со респираторите почна уште во март, кога Филипче даде неколку контрадикторни изјави а опозицијата обвини за злоупотреба со постапката за набавка. Хронолошки изјавите на министерот одеа вака:

-Ние набавуваме 50 кои ги очекуваме оваа недела со можност за уште 50, рече тој на 16.03.2020.

Само 3 дена подоцна рече:

– Лажна вест е дека набавката е завршена. Таа постапка не е завршена, допрва следи аукцијата, спуштањето на цената на понудите, рече на 19 март. Ова значи демант на неговата изјава од пред само 3 дена пред тоа. Во истата изјава нагласи дека биле заглавени во Бразил.

-Проблемот е што машините во овој момент се запрени во Бразил со одлука на нивната влада. Со интензивна комуникација на министерството за надворешни работи и нашиот амбасадор во Бразил се обидуваме таа бројка на машини да ја ослободиме, рече министерот на 19.03.2020.

Во меѓувреме, со изјава излезе и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи кој нагласи дека 25 респиратори што сме ги чекале купени со норвешки пари, од Кина, се заглавени во депо во Турција. Откако после оваа изјава настапи молк од власта, на новинарско прашање по неколку дена Османи рече дека заглавените во Турција немало да ги добиеме оти земјата одлучила да си ги задржи за себе.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *