Коронавирус: Дали Турција ќе стане нова Италија?

Иако досега релативно малку лица се тестираа, бројот на инфицирани во Турција расте толку брзо како што инаку расте само во САД. Јавниот живот во најголем дел замре, но меѓу граѓаните владее недоверба кон власта.

Листата од Книгата на умрени на градот Истанбул неколку часа се вртеше по социјалните медиуми пред да биде блокиран пристапот до неа. Можеше да се видат смртните случаи од претходниот ден, вклучително имињата, датумот на раѓање и причината за смртта на вкупно 255 лица. 20 пати како причина за смртта беше наведено Ковид-19. Турскиот министер за здравство се најде под притисок. За истиот тој ден, 28 март, тој наведе дека имало само 16 смртни случаи – во цела Турција. Првото објаснување на министерот беше дека изгледа починале уште четири лица откако вечерта ги објавил бројките. По еден и пол ден од истанбулските гробишта стаса објаснување дека е нивна грешка. Министерот бил во право. Сепак, останува недовербата, како на пример кај заменикот претседател на турската Лекарска комора, Али Черкезоглу:

„Мора да им веруваме на бројките. Но, не мора да ги прифатиме и може да ги ставаме под прашање. Оти ако властите во земјата не спроведуваат доволно тестови, мора да се дискутира за тоа дали претставените се и фактичките бројки во земјата.”

Сега се затворени училишта, универзитети и повеќето продавници. Со пораката „евде кал” – остани дома – од луѓето се бара да не ги напуштаат домовите. Сите летови во странство се откажани. Патувања во внатрешноста се можни само со посебна дозвола. Властите ставија околу 40 општини во карантин. Но, тоа е и единственото нешто што укажува на тоа кои региони се посебно погодени. За Али Черкезоглу од Лекарската комора тоа не е доволно:

„Сакаме јавноста да биде транспарентно информирана. Не само со бројки секоја вечер за тоа колку лица биле хоспитализирани, колку умреле. Мора да се кажат повеќе детали, при што имињата секако мора да се држат во тајност. Турција има проблем со транспарентноста со короната исто како и со секоја друга тема.”

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *