Цаца не е единствена, уште еден директор на Филипче не отишол во изолација

Уште еден од директорите на министерот за здравство, Венко Филипче, не ги почитувал препораките за изолација и ги ставил во опасност од зараза своите колеги, како и голем број вработени во комплексот клиники, дознава „Лидер“.

Станува збор за директорот на Очната клиника, Христијан Дума, чија сопруга е една од луѓето кои се позитивни на вирусот Ковид-19, а биле во контакт со директорката на Кожната клиника, Нина Цаца Билјановска. Сопругата на директорот, се наоѓаше 14 денови во изолација (од 10 март), но нејзиниот сопруг до пред неколку дена постојано одел на работа, сведочат за „Лидер“ неколку лекари.

Поради тоа, информацијата дека сопругата на Христијан Дума е позитивна на корона вирусот предизвикува паника меѓу вработените на очната клиника кои се во страв дека можеби имаат Ковид-19 што им го пренел директорот. Лекарите велат дека овој случај може да биде и пострашен од тој со директорката на Кожната клиника, со оглед на тоа што Очната клиника нема заштитни средства.

Да биде проблемот поголем, Христијан Дума е еден од лекарите именувани во Комисијата на Клиничкиот центар, предводена од министерот Венко Филипче, што треба изготви план за постапување со болните од Ковид-19.

Затоа е уште поскандалозно што човек назначен во тело за постапување при епидемија на корона вирусот е токму тој што не постапувал и не ги почитувал препораките на епидемиолозите за останување во самоизолација.

Ваквите постапки го повлекуваат прашањето за евентуална оставка на директорот на Очната клиника, но и можната потреба за затворање на зградата на Интерни клиники зашто голема е опасноста вирусот да е веќе раширен меѓу луѓето што секој ден одат таму на работа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *