Во САД уапсен човек кој украл над 20 кутии заштитни маски и ги препродавал на интернет

Полицијата во САД уапси човек на 22-годишна возраст, кој на почетокот на март од една непрофитна организација украл повеќе од 20 кутии Н95 заштитни маски, пренесува „Б92“.

Полицијата на сојузната држава Орегон успеа да пронајде дел од тие 1.000 маски вредни 2.500 долари, откако е воочена нивна продажба преку интернет, пишува Ју-Ес-Еј Тудеј.

Непрофитната организација за обнова и изградба, од која се украдени маските, го пријавила случајот на 6 март, а потоа ја следела ситуацијата и ја информирала полицијата дека маските се пуштени во продажба.

Полицијата го пресретнала крадецот кога се обидел да ја продаде украдената роба. Притоа, „спасени“ се шест кудии, а за викендот се пронајдени уште седум.

Маските се донирани во локалните болници во насока на борбата против коронавирусот од кој во САД досега починаа повеќе од 400 лица.

Ју-Ес-Еј Тудеј наведува дека е уапсен извесен Владислав В. Дроздек обвинет за кражба од прв степен.

Дефицитот на маските Н95 го апострофираше и градоначалникот на Њујорк пред неколку дена, наведувајќи дека покрај 15.000 респиратори и 30 милиони хирушки маски, потребни се и три милиони Н95 маски.

Според оценките на Националната агенција за храна и лекови (ФДА), маските Н95 блокираат 95 отсто од многу малите честички.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *