ТЕНЗИЧНО НА ГРЧКО ТУРСКАТА ГРАНИЦА, НА ПОВИДОК ЛИ Е НОВ МИГРАТСКИ БРАН?

Се понапнато и потензично е на грчко-турската граница откако Владата во Анкара одлучи да ги пушти мигрантите преку нејзината граница. Турскиот претседател Ердоган се закани дека неговата земја нема да ги затвори границите за сириските бегалци.

„Откако ја отворивме границата почнаа телефонски повици со барање да ја затвориме. Сега и ЕУ ќе носи дел од товарот.“ – изјави Реџеп Тајип Ердоган – претседател на Турција.

Околу 10 илјади луѓе во последните 24 часа се обидоа да ја преминат границата, но грчката полиција го спречи тоа и уапси над 70 мигранти. Биле употребени солзавец и шок бомби. Турција тврди дека земјата ја напуштиле околу 80 илјади нелегални мигранти. Притисок од бегалци и мигранти има и на грчките острови. Над илјада мигранти се упатија кон Лесбос, Хиос и Самос. Едно дете загина откако се превртел чамец со 50 мигранти. Грчката полиција ги зајакна пограничните контроли.

„Сега има огромен број полицајци на граничниот премин. Губиме надеж дека ќе на пуштат да влеземе. Ги повикуваме ОН да ни помогнат бидејќи тука состојбата е трагична.“ – вели Ахмед Абдулах – бегалец од Сирија.

Актуелната ситуација на границата со Турција претставува активна, сериозна, исклучителна и асиметрична закана за националната безбедност на земјата, рече портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас по состанокот на владиниот совет за национална безбедност.

„Во последните денови, Грција е на мета на ненадеен, масовен, организиран и координиран притисок од движењата на луѓето кон источните копнени и морски граници. Ова движење е насочено и охрабрено од Турција.“ – изјави Стелиос Пецас – портпарол на грчката Влада.

Околу новата мигрантска криза, ЕУ има вонреден состанок. И регионот се подготвува за справувањето се евентуален нов мигрантски бран. Веста за повторното отворање на турската граница за мигрантите и бегалците и притисокот врз Грција е повод за поголема будност на властите во Љубљана. Австрија ќе ги запре сите мигранти кои се обидуваат да ја преминат границата, освен ако не се преземат мерки за нивно запирање во Грција и другите балкански земји.

Унгарија и Хрватска уверија дека ќе ги надгледуваат своите граници. Грчкиот премиер Мицотакис, заедно со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен и претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, утре ќе ја посетат грчко –турската граница. Тековниот притисок врз надворешната граница на ЕУ е значително поопасен отколку во 2015 година, предупредува германски експерт за безбедност.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *