Порака на Кремљ до Ердоган: Русија нема да попушти

Портпаролот на официјален Кремљ Дмитриј Песков ја изрази руската поддршка на власта во Дамаск во борбата против терористите и залагањето на Русија за спроведување на договорот од Сочи.Изјавата на Песков доаѓа непосредно пред средбата на претседателите на Русија Владимир Путин и на Турција Реџеп Таип Ердоган во четврток во Москва.

„Ставот на Москва останува непроменет и доследен. Тоа е истиот оној став за кој во различни прилики се залагаа рускиот претседател Путин, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, како и нашата меѓуресорна работна група и меѓуресорната делегација, која во последно време соработува со турските колеги“, изјави Песков.

Тој истакна дека рускиот лидер ќе остане на тој став на средбата со турскиот колега во Москва.

Песков се осврна и на значењето на континуираната соработка на руските и турските војници во Сирија.

„Русија е решителна во намерата да ја продолжи борбата против терористите и терористичките групи, вклучувајќи ги оние кои се на списокот на Советот за безбедност на Обединетите нации. Во таа борба голема значење ѝ придаваме на соработката со нашите турски партнери“, истакна Песков.

Додаде и дека деталите за ситуацијата во Идлиб ќе бидат познати по средбата на рускиот и турскиот лидер.

Ердоган денес во Анкара изјави дека се надева дека ќе биде постигнат договор за прекин на огнот во сириската покраина Идлиб.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *