Мицкоски не ја прифаќа поканата на Заев за лидерска: „Закон кој штити криминални структури“

Лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев очекува до распуштањето на парламентот да биде донесен Законот за Јавно обвинителство. Изрази надеж дека опозициската со ВМРО-ДПМНЕ ќе биде постигнато конечно решение и дека заедно и со независната пратеничка група ќе се дојде до потребното двотретинско мнозинство.

„Јас навистина верувам дека ќе се изнедри двотретинско мнозинство за овој закон заради обврската, заради одговорноста која што ја имаме пред нашата држава и нашиот народ. Верувам дека работните групи ќе ни сигнализираат ако има навистина приближување на ставовите. Оваа недела ако треба да се гледаме треба оваа недела да се гледаме заради тоа што потоа следуваат постапки во парламентот – комисиската расправа, пленарната седница“, рече Заев.

Заев вчера и јавно го повика лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на лидерската средба за власта и опозицијата да се договорат за законот за потоа да биде усвоено додека Собранието се уште не е распуштено. На Мицкоски не му се допаѓа и овој предлог на законот и вели дека не прифаќа лидерска средба додека работните групи не се договорат. Рече дека за него е проблематично тоа што две години е замрзнат имотот на партијата.

„Ова што денеска предложено од страна на СДСМ практично претставува закон кој што треба во иднина да ги штити криминалните структури на СДСМ кои што ќе заминат во опозиција после 12 април. Така што, ако треба да се одржи средба колку ради реда да се одржи јас навистина немам намера да го губам времето на господинот Заев, ниту пак да го губам времето на граѓаните“, вели Мицкоски.

И покрај ваквата изјава на Мицкоски, техничкиот премиер Оливер Спасовски не очекува застој во носењето на законот за јавно обвинителство. Тој од Кочани порача дека се работи за прашање од висок државен интерес кој е неопходен за нашите националните интереси, а тоа е членството во НАТО и Европската унија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *