Здрава исхрана Како?

Објавено во Препораки Сабота, 21 Февруари 2009 20:54

За да направите промена во Вашиот начин на исхрана, мора да бидете подготвени за тоа. Најнапред, мора да се решите за промена во начинот на исхрана и психички да бидете подготвени за истото.Ако секое утро како утрински ритуал Ви е кафето, обидете се пред кафето да испиете една чаша природно цеден сок со една лажица мед. Тоа ќе Ви помогне покрај конзумирањето на Ц-витаминот од сокот, преку медот да примите 60 различни позитивни компоненти од него.

Ако имате проблем со желудникот, секое утро на гладно земете 5-10 бадеми свежи, непечени и несолени- сирови. Со бадемите ќе ја неутрализирате киселината во желудникот.

Доколку Ве мачи опстипацијата, утринското кафе не би требало да биде Вашиот лаксатив. Вашата опстипација ќе ја реши само една супена лажичка лененово масло. А, кога сме кај маслата, за да си го заштитите кардиоваскуларниот систем, да си го подобрите врзивното ткиво и да го елиминирате стресот, напијте се една лажица ладно цедено нерафинирано сончогледово масло.

Овошјето најдобро е да го конзумирате во предпладневните часови , бидејќи апсорбцијата на сите корисни витамини на овошјата е најексплоатирана и најкорисна во утринските часови.

РАЗНОВИДНОСТА Е КЛУЧНА

Потрудете се во текот на денот да испиете од 2 до 3 литра течности. Течностите се состојат од природно цедени сокови, секогаш разблажени со вода. Тие може да бидат најразноврсни. Можат да бидат комбинирани од овошје или од зеленчук или комбинација од овошје и зеленчук. Изборот е Ваш. Соковите може да се пијат во текот на целиот ден, само не за време на оброк и еден час после оброк.

Потрудете се задолжително во текот на денот да имате 3 оброка. Македонската кујна изобилува со разноврсна и обилна гурманска храна. Вашата замисла околу готвењето може да биде креативна и разноврсна. Ако направите месечно мени на Вашата трпеза ќе изобилува македонска разноврсна храна. Задолжително со секој оброк мора да има свежа салата, која што мора да биде што поразноврсна и што побогата. На тој начин ги примате сите потребни минерали кои му се потребни на еден организам.
На пазарите може да се најдат најразноврсни зеленчуци кои можат да се комбинираат во зависност од Вашата желба, потреба и вкус.
Интересно и карактеристично е и тоа што, дури и брокулата може да се конзумира во свежа форма. На тој начин ќе се зачува и Ц-витаминот, бидејќи и со две минутно обарување може да се изгуби витаминот кој е термолабилен.
Вечерата треба да биде лесна, но никако да не се изоставува. Тоа значи дека, таа може да биде и свежа салата.
Па и тоа е оброк!

КОГА СТАНУВА ЗБОР ЗА КОЛАЧИТЕ, СЛАТКИТЕ, ТОРТИТЕ...

Можете да си направите еден ден за колачи, со тоа што следниот ден ќе морате да конзумирате свежо овошје и свеж зеленчук во неограничени количини.
Едно со сигурност треба да знаете е дека туршијата никогаш нема да може да ја замени свежата салата! Таа може да се конзумира само како додаток на јадењето.
Најдобро е во текот на неделата задолжително на трпезата да се има барем 3 пати риба, еднаш неделно грав и три пати неделно мешунки. Кога станува збор за житарката и за лебот тие треба да бидат застапени во исхраната отприлика два пати неделно во комбинација со мешунките.

Ако имате проблем со стрес можете да направите преубави чорби од житарки како што се: јачменот, просото, хељдата, овесот, ржот.
Ако Ви недостасува калциум не мора да го внесувате само со млечните производи, тоа можете да го сторите и со ореви.

ПРОМЕНЕТЕ ГИ СЕКОЈДНЕВНИТЕ НАВИКИ

Храната нека Ви биде ритуал и задоволство, но во умерена форма. Што и да јадете , што и да конзумирате, научете да уживате во храната, а да престанете со јадењето кога Ви е најслатко. Така нема да се прејадете, нема да имате тегови во желудникот и никогаш нема да имате проблеми со вишокот на килограми.
Ако сте љубители на тестенини и на месени продукти, пити, искомбинирајте ги секогаш со зеленчук .
Воспоставете си ред во исхраната, слушајте го организмот каква потреба има за храна. Дозволете си и бурек, ама не го конзумирајте секојдневно, само во оној момент кога вистински ќе го посакате. И за крај! И да решите да јадете бурек, направете го тоа во комбинација со свежа салата.

Поврзете се со нас

За нас

МX - Радио е радио станица која емитува сигнал на подрачјето на Охрид, Струга, Дебар, Кичево.