Законот за владино рекламирање е повлечен

Објавено во Македонија Петок, 26 Август 2016 12:17

Владата на седница одржана вчера донела одлука да го повлече предлог-законот за медиумски и информативни кампањи, а писмено известување до пратениците било доставено доцна попладнето во 17.30 часот.

Зошто Владата се решила на овој чекор не им објаснила ниту на пратениците, ниту на јавноста. Инаку владината одлука е потпишана од вицепремерот и министер за здравство Никола Тодоров.
- Нема ниту збор околу причините за повлекување на предлог-законот. Ние тоа го бараме подолго време, но власта беше глува. Сепак можни се две работи. Прво го повлекле бидејќи се свесни дека ние ќе го блокиравме неговото носење со поднесување на повеќе од 500 амандмани, па најмалку еден месец во Собранието ќе се зборува за последиците од носењето на вакво законско решение. Исто така е можно Владата да го повлекла предложеното решени поради притисок на меѓународната заедница - вели пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ кој жестоко го напаѓаше предложеното решение на собраниската комисија за транспорт и врски.
Предлагач на законското решение е Министерството за информатичко општество, а токму министерката Марта Арсовска Томовска пред пратениците и на јавните трибини ги бранеше понудените решенија. Но, сепак, повлекувањето не го направи предлагачот, туку Владата.
Некои медиуми објавија дека причина за оваа одлука на македонската Влада е многу остро писмо од Европската комисија упатено токму до Владата. Основната забелешка на Брисел била дека владиното рекламирање би имало силно влијание врз медиумскиот пазар, во кој Владата и досега беше најголем огласувач.
Законот за медиуми што го предложи посредникот во меѓупартиските преговори Питер Ванхауте предвидуваше медиумите да ги емитуваат бесплатно владините кампањи од јавен интерес .
Денеска ниту Владата ниту Министерството за информатичко општество не даваат одговор на прашањето зошто предлог-законот е повлечен, дали поради барањето на опозицијата или пак поради притисокот на меѓународната заедница.

Поврзете се со нас

За нас

МX - Радио е радио станица која емитува сигнал на подрачјето на Охрид, Струга, Дебар, Кичево.