Солистички концерт на Ивона Базгалоска во Св. Софија

Објавено во Охрид Среда, 20 Јуни 2018 06:13

Ивона Базгалоска, ученичка во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј”, на 22.06.2018 година, петок, ќе одржи солистички концерт-пијано рецитал во рамки на концертните активности под водство на проф. д-р Нина Костова Јаневска и под менторство на врвните руски педагози проф. Борис Романов и проф. Људмила Романова.

Овој концерт е поддржан од Општина Охрид и други помагачи. Концертот почнува во 19 часот.

Ивона Базгалоска е родена 1999 година во Охрид. Нејзиното патување низ уметноста го започнува на пет годишна возраст. Првата етапа од музичко образование го завршува во основното музичко училиште ОМУ „Методи Патче“ во Охрид, во класата на професорот Даниел Чуркоски, каде се закитува со титулата првенец на генерација.Образование го продолжува во средното стручно музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” во Скопје, во класата на проф. д-р Нина Костова Јаневска, и е под менторство на истакнатите руски педагози проф. Борис Романов и проф. Људмила Романова.

Редовно настапува на концерти, учествува на меѓународни и државни натпревари, семинари. Нејзиното натпреварувачко искуство бележи седум специјални први награди и бројни триумфи на државно и меѓународно ниво, а особен печат оставија натпреварите во Италија, Србија, Лондон и Њу Јорк. Има одржано два солистички концерти во Охрид и во Скопје. Исто така има два пати настапено како солист во придружба на Македонската филхармонија, во 2015 година под диригентската палка на маестро Борјан Цанев и во 2017 под палката на маестро Ле Фи Фи.

Фото Галерија

Поврзете се со нас

За нас

МX - Радио е радио станица која емитува сигнал на подрачјето на Охрид, Струга, Дебар, Кичево.