Јован Стојаноски: Воведовме паушал наместо 39денари 1м3 вода

Објавено во Охрид Среда, 28 Февруари 2018 16:28

Откако советниците на 7-мата Седница на совет дадоа „зелено светло“ за предлог одлучите кои се однесуваат на утврдување на висината  на надоместокот за поставување урбана опрема за 2018 година  и утврдување на висината  на комуналната такса за користење на просторот пред деловните простории за вршење дејност,

градоначалникот Јован Стојаноски изјави:
    -После реализираните разговори со претставниците на угостителскиот еснаф сметаме дека најдовме заедничко решение кое е прифатливо за двете страни. Одлучивме  висината за комуналната такса  да биде  одредена зависно од тоа дали станува збор за зимски или летен периоди  како и надоместокот за поставување на урбана опрема. Зимскиот период е во месеците од 1 –ви ноември до 30-ти април, а за останатите месеци ќе се пресметува според летна тарифа. Тука постигнавме согласност бидејќи не можеме да имаме различни цени за различни зони, да нема зонирање, а ја намаливме и комуналната такса на 5 денари за зимскиот период.   Таа всушност е и најниска досега. А за летниот период комуналната такса го задржа досегашниот износ од 7,5 денари. Во однос на надоместокот за поставување урбана опрема ги објаснивме сите законски аспекти, ги прочитавме  сите членови од  законот за    градежно земјиште. За поставување урбана опрема поаѓајќи од законот за градење и законот за градежно земјиште дојдовме до констатација дека тој надоместок мора да се плаќа. Тука исто така поставивме летна и зимска тарифа во истите периоди што веќе ги споменав со тоа што цените ќе бидат по зони. Зона А, Б и В како што биле досега. За зона А ќе се плаќа 300, за зона Б 250 и за зона В 200 денари. Во зимскиот  период ќе се плаќа само 150 денари. Тука направивме отстапка  во однос на прифаќање на елаборатите од минатата  за тековната година со цел угостителите да немаат дополнителни давачки за изработка  на елаборати по проекти коишто треба да ги доставуваат при поставување на урбаната опрема. За во зимскиот период  во рамки на елаборатот дозволивме  да се достави проект во којшто  ќе  се поставуваат помал број маси и столици . Меѓу другото со угостителите се договоривме до 5 –ти во месецот да има плаќање за поставување на урбаната опрема. Битно е што ги поставивме правилата на „игра“. Она што за нас како локална администрација е најбитно е воведувањето на комунален ред којшто комуналната инспекција мора децидно да го спроведува- рече градоначалникот  Стојаноски.
Во однос на  предлог одлуката за давање  согласност на Одлуката за утврдување на тарифи  за вода на МЈП „Проаква – РЕ Водовод“ – Охрид и одлуката за давање  согласност  на одлуката за утврдување на тарифа за собирање и одведување  на урбани отпадни води  за период 2018-2020 на ЈП „Нискоградба“,градоначалникот Стојаноски изјави:
    -Зголемувањето на тарифата за вода е согласно законот донесен од претходната власт на Никола Груевски.  Во 2016 година со Указ на претседателот Георге Иванов е донесен законот за регулирање на овие комунални услуги. По тој закон се работело и изминатиов период  со тоа што во периодот на изборите беше прекината постапката околу утврдување на цените на овие два надоместоци. Цените ги одредува Регулаторната  комисија којашто за жал е во истиот тој состав од 2016 година. Тие утврдуваат една рамка којашто двете комунални претпријатија,  „Проаква“- РЕ Водовод и „Нискоградба“треба да ја остварат. Тоа е приходна рамка. Толкави приходи тие наметнуваат дека треба да се остварат  и заради тоа овие две претпријатија истапија кон усогласување на цените со таа приходна рамка. Тука имавме две варијанти. Или да ја подигнеме цената по еден метар кубен потрошена вода на „Водовод“ истото важи и за „Нискоградба“. Тоа би значело дека цената за еден метар кубен  вода би се подигнала од 25 на 39 денари. Ние пристапивме кон поинаков начин на промена на цената за вода, а тоа е од 25 се променува на незначителни 25,52 денари, а се воведува паушален надоместок којшто го плаќаат сите и резиденти и нерезиденти. Сметавме дека на ваков начин ги заштитуваме граѓаните на Охрид затоа што овој паушал досега не го плаќале оние коишто  не се резиденти односно постојани жители на Охрид. Ваквиот бизнис план беше исто така воспоставен од претходниот директор на ЈП „Водовод“ којшто беше од ВМРО- ДПМНЕ. Тоа беа двете можни решенија до којшто моравме да пристапиме. Доколку не направевме промена  на цените за услугите на јавните претпријатија„Водовод“ и „Нискоградба“во тој случај Регулаторната комисија ќе ги извршеше промените што значи дека можеше да ја направи промената во онаа неблагодарна насока односно да ја променат цената од 25 на 39 денари. Се до оној момент додека не го решиме  проблемот со колекторот којшто е многу сериозен  за општина Охрид па и за цела Македонија ќе имаме високи сметки. Имавме интервенции од УНЕСКО и од Владата на Р. Македонија. Станува збор за еколошка „бомба“која е сериозна опасност за Општина Охрид и за Р. Македонија. Ние како општина ако не пристапевме кон прилагодување на цените по барањата на Регулаторната комисија   ќе платевме високи казни  кои ќе се однесуваа  на градоначалникот, директорот на  „Проакива“- РЕ Водовод, самото претпријатие и  општината. По четири основи прекршочно ќе бевме казнети. Регулаторната  комисија во рок од 150 дена ќе ја променеше цената за вода –објасни градоначалникот Стојаноски. 

Фото Галерија

Поврзете се со нас

За нас

МX - Радио е радио станица која емитува сигнал на подрачјето на Охрид, Струга, Дебар, Кичево.