Јован Стојаноски: Сеење страв и лажни вести е минато!

Објавено во Охрид Сабота, 09 Септември 2017 19:53

Обидите на ВМРО-ДПМНЕ да наметнува бесмислени теми во пресрет на локалните избори не смееме да дозволиме да создаваат страв помеѓу граѓаните. Тоа им е единствено што им преостанува, бидејќи и самите се преплашени што правдата конечно ги стигнува.

Креирање на лажни вести и сеење на страв помеѓу населението, се нивниот карактеристичен метод на владеење, кој имавме можност повеќе од една деценија да го гледаме и искусиме на сопствената кожа.
ДПМНЕ граѓаните најпрво ги заплашуваше со албански платформи, двојазичност и слични небулози. Сега се обидуваат тоа да го прават со некакво населување на бегалци од Блискиот Исток во Република Македонија. Одат дотаму што тврдат дека Министерството за труд и социјална политика ќе градело станови за бегалците. Да не беше смешно, ќе беше трагично. Како и многупати досега, така и сега, ВМРО-ДПМНЕ ГИ ЛАЖЕ сопствените граѓани.
Во моментов, на територијата на нашата држава ниту поминуваат бегалци, и најодговорно тврдиме, ниту некој ќе гради станови за сместување на бегалци. Станови ќе има за македонските граѓани кои се социјални случаи, а не за некакви измислени бегалци. Граѓаните се свесни дека овие смешни приказни доаѓаат од центарот за манипулации на ДПМНЕ. Граѓаните знаат и со свои очи гледаа како пред околу година дена, повеќе од милион бегалци доаѓаа преку Грција и ги ризикуваа животите само што побрзо да ја напуштат територијата на Македонија. Нашата држава беше само транзитна, попатна станица на нивниот пат кон Западна Европа.
Апсурдна е предлог одлуката за распишување на референдум за стратегијата за бегалци, која локалната власт на ДПМНЕ и Бакрачески ја наметнаа на седницата на Совет закажана за понеделник. Правото на граѓаните за организирање на референдум е неприкосновено, меѓутоа истото треба да се користи за прашања кои се клучни за граѓаните, а не за спас на Никола Груевски. Всушност ова е идентична стратегија како онаа која во 2009та ја гласаше владата на Груевски, меѓутоа тогаш ДПМНЕ беше на власт и немаше потреба да го заплашува населението со вакви измислени теми. Дури и да се одржат локалните референдуми, СДСМ ќе ги повика граѓаните да гласаат против наводните станови за нивно сместување, бидејќи тие се измислица на ДПМНЕ и такво нешто нема да се случи.
Ве уверуваме дека ќе помине и оваа лага. Граѓаните знаат, граѓаните препознаваат кој ја говори вистината. Токму граѓаните се тие кои изгласаа победа на вистината над режимот на ДПМНЕ, и токму граѓаните се тие кои на 15ти октомври ќе гласаат за живот во Охрид, за живот во секоја општина на Република Македонија.
Центар за комуникации
ОО СДСМ Охрид

Фото Галерија

Поврзете се со нас

За нас

МX - Радио е радио станица која емитува сигнал на подрачјето на Охрид, Струга, Дебар, Кичево.