Нема да има толеранција за диво поставена урбана опрема

Објавено во Охрид Вторник, 03 Април 2018 15:57

Локалната самоуправа од Охрид повеќе нема да толерира  нелегално поставување урбана опрема на јавни површини .

Сите субјекти кои веќе ја поставиле урбаната опрема,а за тоа не добиле одобрение ќе бидат соодветно санкционирани, ова беше заклучено на  денешната работна средба на  градоначалникот Јован Стојаноски и претставници од УЈП, Државен пазарен инспекторат  и СВР Охрид со угостители, тезгаџии и останати корисници на урбана опрема.

-Помина доволен период во којшто ние како локална самоуправа иако не мораше покажавме трпение за угостителските објекти во градов кои нелегално поставиле урбана опрема.   До 10-ти април  годинава оној кој што нема одобрение за поставување урбана опрема, а истата ја има поставено ќе добие прекршочни санкции. Законско право  е  физичките и  правни лица да поднесуваат барање за поставување урбана опрема и подоцна меѓутоа до тој момент не смеат да ја поставуваат урбаната опрема.  На пример дозволено е   таа  опрема  да се поставува за три месеци   од   јуни до септември и за тој период сопствениците  мора да ги  подмират обврските  кон општината -рече градоначалникот Јован  Стојаноски кој потсети дека програмата за поставување урбана опрема е донесена во месец февруари годинава и дека на барање на туристичките работници таа може да претрпи  измени  и корекции но доколку тие се законски оправдани.

На средбата туристичките работници беа информирани дека во сила се измените од Законот за забрана за пушење цигари според кои е  дозволено пушење  исклучиво надвор од деловниот објект на   отворен простор, тераси или бавчи.

-Деловниот објект од терасата мора физички да биде одвоен. Казната според законот за прекршоци е варијабилна од 1 200 до 1 500 евра и зависи од остварениот вкупен приход за претходната година- изјави  Цветко Ристески од УЈП .   

На средбата со чинителите  во туристичката дејност кои користат урбана опрема се разговараше и   за останати проблеми  со кои тие се соочуваат со цел истите да се решат  пред стартот на сезоната во насока на плодно и бериќетно лето.

Фото Галерија

Поврзете се со нас

За нас

МX - Радио е радио станица која емитува сигнал на подрачјето на Охрид, Струга, Дебар, Кичево.