Кампања за воведување на Образование за мир во воспитно образовните институции

Објавено во Македонија Четврток, 29 Септември 2016 09:26

Првата детска амбасада во светот Меѓаши започна кампања за воведување на Образованието за мир/мировното образование во воспитно образовните институции во Република Македонија.

Кампањата ќе се спроведува од 27 септември до 27 октомври. За таа цел низ цела Македонија поставени се билборди и сити лајтови со слоганот „Мирот е секој чекор“ на 6 локални јазици (македонски, албански, турски, ромски, српски и влашки).  Кампањата претставува можност да се мобилизира јавноста, да ги кренеме нашите гласови како граѓани/ки, активисти/ки, учители, воспитувачи/воспитувачки, старатели, родители, ученици, студенти, за да повикаме кон дејствување за воведување на мировното обазование како составен дел на воспитно образовниот систем.
Првата детска амбасада во светот Меѓаши се обраќа не само до медиумите туку и до воспитно-образовните институции во Македонија, општините и др. институции да се вклучат во акцијата.
Од медиумите очекуваме да посветат време за снимање на дебатни емисии, образовни емисии, детски емисии, разговори, интервјуа поврзани со значењето на мирот и мировното образование. Во Република Македонија се уште не е застапено мировното образование односно Образованието за мир. За таа цел би било добро да ги слушнеме одговорните институции МОН или Бирото за развој на образованието, што ќе и кажат на јавноста околу тоа прашање.
Нашето барање кон училиштата, за одбележување на оваа кампања во училиштата и предучилишните установи е одржување барем на еден наставен час на тема „Што е мирот”. На часот, прилагодено на детската возраст и разбирање, треба да се зборува за мирот и зошто тој е важен, што значи мирот за мене, што можам да направам секој ден да се промовира разбирање и толеранција во местото каде живеам, како можам да бидам дел од мирот во Македонија,  како можам да градам подобра иднина за сите?
Нашето барање кон МОН и Бирото за развој на образованието е да се воведе Образованието за мир како составен дел на воспитно образовниот систем. Првата детска амбасада во светот – Меѓаши работи континуирано на полето на мировното образование. Промовирајќи ги мирот и ненасилството како основни вредности во воспитно-образовниот систем  укажуваме на потребата од неопходноста мировното образование да се вгради во наставните програми во Република Македонија.
Културата на мирот почнува од себе и нашите ставови и однесување во секојдневниот живот, било да е тоа во градинката, училиштето како воспитувач, наставник или ученик, во домот како родител/старател или дете, на работа како колега или во соседството, како сосед...
Живееме во свет во кој војните и насилството се манифестираат секојдневно и не штедејќи никого. Свет во кој животите на милиони деца и млади луѓе постојано се изложени на опасности. Треба да потсетиме за сите последици кои децата ги трпат од неодговорните политики кои ги водат возрасните и кои многу често се проследени со насилства и војни. Токму затоа, ја потенцираме потребата од ненасилна трансформација на конфликтите и неопходноста се повеќе да се работи со децата и младите на полето на градењето на мирот уште од најмала возраст .
Мировното образование се темели на потребата од превенција на насилството и превенција на можни нови судири. Токму на полето на превенцијата не се преземаат доволно активности во школите и тоа е една од причините што не постои комуникација меѓу младите од различни етнички групи, кои се оптоварени со предрасуди, а тоа често завршува со конфликтни ситуации, тепачки, навредувања...а некои за жал со уште потешки последици. Од друга страна, поставувајќи го мировното образование како составен дел на образованието, почнувајќи од предучилишното па нагоре, ќе резултира со намалување на насилствата во училиштата и зајакнување на капацитетите на наставниот кадар и учениците во поглед на надминување на конфликтите, разработувајќи ги истите по ненасилен пат.
Детската амбасада Меѓаши уште пред 3 години како резултат на истражување направено во училиштата во Македонија истакна дека комуникацијата, особено меѓу младите од различни етнички заедници е битен фактор за мирот во Македонија . Доколку кон ова се додаде дека се повеќе се создаваат едноетнички училишта, може да претпоставиме дека комуникацијата меѓу младите во иднина ќе биде се помала, што веќе и се случува. Воедно, комуникацијата е битна ама не е доволна сама по себе. Истражувањето покажа дека колку поизразени се негативните етнички стереотипи и предрасуди, толку е повисок или поголем потенцијалот за директно физичко насилство. Тоа е само една од дополнителните причини поради кои треба да се воведе Образованието за мир односно со учениците и професорите да се работи на градење на мирот, развивање на ненасилна комуникација, креативна разработка на конфликти и училишни активности во кои ќе се работи на ненасилна трансформација на конфликтите.
Децата се оставени сами на себе, во општество каде социјалната неправда која им се случува пред се на семејствата и која е рамна на насилство, ги оневозможува родителите да посветат доволно внимание на нивните деца.  Но, социјалната неправда претставува само еден од изворите на насилството. А колку силно влијание имаат и медиумите, Интернетот, тоа се само дел од причините кои придонесуваат насилството да стане образец на однесување кај младите и истото да се пренесува во училиштата.
Говорот на омразата како речник во законодавниот дом и собранските комисии, говорот на омразата од страна на политичките партии се секојдневие и партиите стануваат директни креатори на негативна атмосфера и директно го потикнуваат насилството меѓу младите. Се додека продуцираат таков начин на комуникација и справување со конфликти, кои се пренесуваат директно на нивните политички и партиски следбенци и се регрутираат младинци за одредени партиски интереси, во Македонија ниту една стратегија за надминување на насилството ниту пак ваквите проекти сами по себе нема да вродат плод. Затоа е неопходно Образованието за мир да стане составен дел на воспитно образовниот систем. Затоа, иако голем број граѓански организации работат во училиштата разни проекти за намалување на насилството,  беа донесени стратегии за намалување на насилството, резултатите се едвај видливи. Само со заеднички напори може да се постигне посакуваната промена, училишта и општество без насилство.
Воведувањето на мировното образование во системот на воспитание и образоваие ќе ги охрабри младите да заземат активен став и учество во нивната средина, без насилство и со свесност за бројните видови неправди, дискриминации и насилства пренесувајќи им вештини и знаења кои се важни за градење на активен мир, граѓанско организирање и ненасилно дејствување. Ваквите активности сами по себе не можат да постигнат видливи позитивни резултати, голем исчекор во подобрување на состојбата, особено не во кратко време. Училиштата не се изолирани простори, па затоа делумен/еднонасочен пристап нема голема моќ за општествени промени. Пристапот мора да биде холистички и заеднички, неопходна е акција и од страна на МОН и Бирото за развој на образованието, затоа упатуваме апел до граѓанските организации, медиумите, институциите, да сплотиме сили и да обезбедиме училишта во кои мирот и ненасилството ке бидат основни вредности...
Поотворено и погласно треба да говориме за важноста на  мировното образование и неговото воведување во воспитно образовниот процес како содржина и мерка за превенција од насилство, како активност која ќе ја гради културата на мирот кај децата од најмали нозе.

Поврзете се со нас

За нас

МX - Радио е радио станица која емитува сигнал на подрачјето на Охрид, Струга, Дебар, Кичево.