Делегација во Киев, Украина

Објавено во Македонија Четврток, 19 Февруари 2009 00:39

Делегација предводена од заменик претседателот на Владата Зоран Ставрески, во чиј состав се министрите за економија Фатмир Бесими и за транспорт и врски Миле Јанакиески, следните два дена ќе реализира работна посета  во Киев, Украина.

Како што соопштуваат од кабинетот на вицепремиерот, во рамки на посетата, утре , Ставрески ќе се сретне со министерот за економија на Украина Бодан Данилишин
и заменик министерот за економија Валериј Пјатницкиј, со кои ќе разговара за унапредување на економската и трговската соработка меѓу двете земји.

“На средбата ќе стане збор и за подготовките за претстојната седница на Мешовитата македонско-украинска меѓувладина комисија за економско-трговска соработка, на која ќе се разгледуваат прашањата кои произлегуваат од примената на Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Украина и Договорот за трговско-економска соработка, како и за можноста за поголема искористеност и проширување на квотите за бесцарински извоз на македонски производи во Украина“  се вели во владиното соопштение.
 
Во рамки на посетата, предвидена е средба и со украинскиот министер за транспорт и врски,  Јосип Вински.

Во петок ќе се одржи Бизнис форум во Стопанската Комора на Украина, на кој учество ќе земат 20тина македонски стопанственици од различни сектори: агробизнис, преработувачка индустрија, производители на автомобилски компоненти, транспорт, градежништво, туризам и др. На Форумот, на кој ќе присуствуваат над 50 украински бизнисмени од сродни сектори, ќе се презентираат потенцијалите за инвестирање во Македонија, по што ќе следат директни контакти меѓу македонските и украинските фирми за воспоставување конкретна соработка.

Во рамки на посетата вицепремиерот Ставрески ќе потпише Меморандум за соработка со Киевскиот Славистички Универзитет во рамки на кој е предвидено отворање на Македонски информативен бизнис центар, кој ќе има за цел афирмирање на економскиот потенцијал на Република Македонија во Украина.

 Нетпрес

Поврзете се со нас

За нас

МX - Радио е радио станица која емитува сигнал на подрачјето на Охрид, Струга, Дебар, Кичево.