Трпејца пулсира - На Зајдисонце

Објавено во Книга Понеделник, 28 Јули 2014 11:03

 

Третото издание на културно – забавното лето НА ЗАЈДИСОНЦЕ во Трпејца од ден во ден е се поинтересно и со понудените содржини го привликува се’ по голем број гледачи и директни учесници во низата бесплатни случувања.

 

 

Денеска – недела, напладне на бисерната плажа во Трпејца ќе се одржи натпревар во фаќање риба на јадица. Учесниците заедно ќе подготвуваат чорба од риба. Вечерва во 20 часот и 30 минути „Кај бунарот“ во соработка со Кинотека на Македонија ќе биде прикажан македонскиот игран филм МИС СТОН. Овој филм на времето делумно е сниман во Трпејца и во низа сцени се овековечени голем број жители од ова село.

 

Утре манифестацијата завршува со пешачењето по патеката Чоколско. Овој настан е во соработка со Националниот парк „Галичица“,а вечерта манифестацијата ќе биде затворена со настапот на ансамблот „Билјана“ .

 

Под будното око на Наташа Алексиќ од Црвен крст – Охрид деновиве во Трпејца се одржа работилница за изработка на оригами, која имаше хуманитарен карактер. Вчера со турнир во шах доделување медали и дипломи заврши шаховската школа под раководство на Борис Лушески од ШК „Ласкер“ од Охрид, а вечерва се заокружува и школата по англиски јазик под раководство на м-р Габриела Неделкоска.

 

Трпејчани и гостите со бурни аплаузи и посебна радост деновиве го проследија настапот на КУД при Здружението на пензионери од Охрид и Дебарца и двете изданија на атрактивната вечерна променада „Со кајче по езерото“ на која настапија учениците од ОМУ „Методи Патче“ од Охрид Кристина Љушкоска – флејта, Теодор Љушкоски – кларинет, Димитар Гаврилоски – виолина, Филип Гаврилоски – хармоника и Филип Неделкоски – гитара.

 

По трет пат се одржа и кајакарската регата „Номче Митрески“ со кајакари од КК „Рибар “ од Трпејца.

 

Синоќа – сабота на манифестацијата „На зајдисонце“ концерт одржа познатиот Томислав Маниќ и неговата гостинка и соработничка – поранешната оперска пеачка Ана Низамова. Обајцата преку песните ја потсетија бројната публика на блескавите моменти од нивните кариери. Пееа забавно, народно, класика, па дури и џез.

 

Поврзете се со нас

За нас

МX - Радио е радио станица која емитува сигнал на подрачјето на Охрид, Струга, Дебар, Кичево.