Прличевата 1762 лето симбол на непокорот на Македонецот

Објавено во Книга Вторник, 05 Јуни 2012 10:14

Со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија Н.У. Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, месец март интензивно работи врз реализација на проектот : „Прличевата 1762 лето симбол на непокорот на Македонецот“.

Целта е со неколку активности да се поттикне јавноста, посебно стручната и научната за доистражување на фактите содржани во легендарната песна на Прличев – 1762 лето која зборува за укинувањето на Охридската архиепскопија и фрла светлина врз минатото на Охрид.

Завршните активности од проектот ќе се одржат во просториите на Библиотеката во среда на 6 јуни во 12 часот.

Ќе биде организирана дебата на која лингвисти, писатели, теолози од Охрид ќе зборуваат за значењето на песната „1762 лето“.

Носител на проектот е Елена Долоска, вработена во Библиотеката, а проектот го осмисли и во соработка со тим од библиотеката предводен од директорката Александра Белевска го реализира Милчо Јованоски, новинар и публицист кој ќе биде и модератор на дебатата.

За Григор Прличев најпознатиот македонски преродбеник од 19 век, неговото творештво и најновите сознанија ќе зборуваат:

Проф.д-р. Димитар Пандев од Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ од Скопје. Во научните кругови кога се во прашање македонскиот јазик и литература д-р. Пандев важи за еден од најдобрите, ако не и најдобар современ познавач на творештвото на Прличев. Тој ќе се осврне на структурата на јазикот на којшто пишувал Прличев, на лингвистичкиот и естетскиот аспект, но и поетскиот порив на авторот видлив во легендарната „1762 лето“. Д-р Пандев ќе се обиде да го редефинира настанокот на оваа песна и ќе не запознае со нејзиниот живот во смисла на досегашните нејзини изданија во Македонија.

Владо Жура познат новинар и публицист од Охрид. Тој е автор на две книги во кои го опишува животот на Охрид во минатото. Владо Жура е вљубеник во 19 век и посебно се гордее и го истражува од секој агол животот и творештвото на ненадминатиот Григор Прличев. Тој ќе се осврне од еден сосема човечки ракурс да проговори за времето во кое творел и живеел Прличев. На тоа како гледале неговите сограѓани на негвото дело и бурните времиња низ кои минувал Охрид во тој период од историјата. Жура ќе проговори и за култот којшто го има името на Прличев во Охрид и хронолошки ќе не врати во тоа време на кое и сегашниве генерации му се восхитуваат.

Отец Никола Христоски од Дебарско – кичевската епархија ќе зборува за Прличев и песната „1762 лето“ од аспект на црквата, црковниот живот и укинувањето на Охридската архиепископија. Ќе се осврне и на значењето на црквата во тоа време и нејзината сестрана улога меѓу народот. Отец Христоски ќе се обиде да го реконструира и времето на подемот и падот на Охридската архиепископија и притисоците кои доаѓале за нејзино згаснување од сите соседни цркви во опкружувањето.

Фото Галерија

Поврзете се со нас

За нас

МX - Радио е радио станица која емитува сигнал на подрачјето на Охрид, Струга, Дебар, Кичево.