Официјалната посета на градоначалникот Александар Петрески на Австралија, очигледно предизвика интерес кај јавноста, посебно кај одредени политички партии, кои се обидуваат патувањето да го прикажат во негативно светло. Сметаме за потребно дека треба да истакнеме некои факти, кои во целост ги покажуваат целите на посетата.
Посетата е планирана уште од минатата година, а се остварува на покана на градоначалникот на Општина Рокдејл од Сиднеј, Бил Серавиновски, како и на покана на градоначалникот на Квинсбејн од Канбера, Тим Оверал и Охридското социјално друштво "Свети Наум Охридски" од Мелбурн. За време на посетата, покрај официјалните средби со градоначалниците на двата града, планирана е средба со раководството на збратимениот град Волонгот и со управата на Универзитетот од Волонгог, со кој фактултетот за Туризам и угостителство во Охрид има потпишано договор за соработка. Во агендата е предвидена и средба со пратениците од парламентот на Нов Јужен Велс, а во текот на целиот престој предвидени се повеќе средби со македонските бизнисмени и претставуање на потенцијалите на Охрид за инвестирање.
Иако во одредени медиуми се шпекулираше и за наводната непожелност на градоначалникот Петрески на Австралиско тло, средбите со нашите иселеници на разни манифестации, го покажуваат токму спротивното. Се очекува за целите на посетата градоначалникот Петрески да гостува на неколку австралиски медиуми и да даде интервју за медиумите на нашите иселеници кои емитуваат на македонски јазик.
Оттука, станува веќе депласирано секојдневно да се полемизира со одредени политички фактори, кои неинвентивноста во работењето ја покриваат со божемната критичка опсервација на работењето на градоначалникот Александар Петрески. Градоначалникот Петрески ќе се врати од Австралија, а резултатите од посетата наскоро ќе бидат видливи за граѓаните на Охрид, за разлика од истрошените преродбенички чекори.
Извор: www.ohrid.gov.mk
















